Рецепт
Јуфки & таљатели
Тестенината си бара нежност.
Цврстата рака можеби пали во леарница или во вулканизерска работилница, но за тестенина мораш да имаш бар малку поезија во себе. Чувството за ритам и танц се клучни.
Дали познаваш некој кој е опериран од естетика и убавина, а да знае да направи шпагети, јуфки или таљатели?
Не е само да се замеси тестото, исече, и еве ги јуфките.
Тоа не е ниту почетокот. Всушност, ако така и размислуваш, батали ја целава работа. Иди во продавница и купи си јуфки и заборави на сè ова.
Не е ни тешко, да не се лажеме. Само, си бара малку талент.
Колку? Да пробаме вака…Ако знаеш да мрдаш со колковите во ритам, ако некојпат заплачеш на тажен филм, ако знаеш барем еден стих напамет, скоро сигурно имаш талент за тестенина.
Запомни, тестенината се спрема од срце, од стомакот и колковите.
Засили ја музиката и почни да спремаш.
Состојки:
Јуфки
- 6 Јајца
- 1 kg eкстра Бело брашно од Жито Лукс
- Млеко 170мл.
- Сол 1 лажица
- Шеќер 1/3 лажичка
- Добар избор на музика
Бешамел сос
- 50гр. путер
- 500мл. млеко
- малку сол
- брашно 1 лажица
- сланина чадена тенко сечена 150гр
Подготовка:
- Во голем сад со брашно додаваш јајца и шеќер кратко колку да се спојат и запознаат. Потоа постепено наизменично додаваш сол и млеко и го замесуваш тестото. Тестот е тврдо, бара малку сила. Се мислиш дали ќе потрошиш исто толку калории додека го замесуваш, колку што ќе внесеш кога ќе го јадеш. Математиката е на твоја страна.
- Замесеното тесто одмара 1 час под најлон. А и ти. Пушташ песна. Може нешто од Dean Martin и чаша вино. По желба.
- Потоа тестото го делиш на парчиња и ги растегнуваш. Парче по парче. Ја ставаш сега машината да работи. Одбираш кој облик на тестенина сакаш, и вртиш. Откога ќе ги подготвиш, ги оставаш да се сушат.
- Подготвуваш бешамел сос. Путерот оди во тенџерче да се растопи, додаваш брашно и потоа млеко. Со жица матиш додека не се згусне.
- Таљателите или јуфките се варат во тенџере.
- Во тава ја ставаш претходно исецканата сланина да се потпржи, ги додаваш во готовите таљатели и на крај се додава од бешамелот по желба.
- Ја пушташ погласно “That’s Amore” од Dean Martin.