Рецепт
Переци
Да ти кажам право, переците се мистерија.
Дали знаеш некој, кој со сигурност ќе ти каже, дека ги разбира переците?
Тоа е едно искрено и едноставно пециво, со комплициран дел.
Е, баш тој комплициран дел, всушност го прави перекот, перек.
Постои една теорија дека се направени во облик на прекрстени раце, а постои и друга теорија која вика дека во нив се крие тајната на вонземјаните и нивните цивилизации, квадратурата на кругот и конечниот број ПИ.
Ако мене ме прашуваш, переците се како луѓе. Сите сакаат да бидат сфатени, сакани и едноставни, но секој си има некој чвор.
Переците, поради некоја причина, во секунда го поправаат расположението. Ако не си се смеел долго, направи переци. Ако паѓа дожд, а тебе ти се сака сонце, направи переци.
Можеби нема да ги откриеш тајните на универзумот или квадратурата на кругот, но од рерната, заедно со переците, ќе извадиш и малку радост.
Никој не е сосема сигурен зашто. Можеби поради чашката ракија додадена во тестото, а можеби и затоа што наизглед комплицираните переци не враќаат во некое поедноставно време.
Состојки:
- 250 gr екстра Бело брашно од Жито Лукс
- Вода 150гр. млака
- Сол 1 лажичка
- Путер мек 1 лажица
- Сув квасец 1 лажичка
- 1 ½ лажичка темен кафеав шеќер
- Ракија 60мл. (30 мл. за переците и 30 мл. за шефот)
- Kрупна морска сол
- Mортадела 200гр.
- Kрем-сирење 300гр.
- Сода 1кг.
- Зејтин 1л.
- 3 Јајца
Подготовка:
- Ги ставаш шеќерот и квасецот во вода. Мешаш со жица да се растопи шеќерот. Оставаш 5 минути да се развие квасецот. Квасецот е среќен.
- Во длабок сад за месење го сипуваш брашното, солта, путерот и се мешаш со рака. Лева или десна, по желба. Во центарот правиш дупка и додаваш вода во квасецот и шеќерот, а од страна покриваш со брашно. Отстојува 30-тина минути.
- Потоа се замесува меко тесто. Меко како душа. Месиш околу 10 минути.
- По месењето, тестото се остава да стасува во стаклен сад покриен со стреч фолија. Откога ќе стаса, го истиснуваш насобраниот воздухот. Да издише.
- Го делиш топчето на 4 еднакви делови. Ги покриваш со влажна крпа.
- Ролаш 4 долги “црви” од околу 30-тина сантиметри и ги оставаш да одморат под крпата.
- Потоа ги досукуваш, и правиш уште подолги “црви” од 50-60 сантиметри. Ја потпевнуваш “Не се бели Маре мори, не се црви…”.
- Ги “плетеш” переците и ги ставаш на тепсија. Ги покриваш со големи најлони и оставаш да растат околу 45 минути.
- Потоа одат во замрзнувч да се замрзнат околу 2 часа. Минимум е 30 минути, а може да одат и на целовечерна.
- Во тенџере подготвуваш 1,5л. вода со 1/3 од шолја сода и чекаш да зоврие.
- На смрзнатите переци од фрижидерот, им приредуваш изненадување. Секој перек го спушташ со француска лажица во зовриената сода вода, и повторно назад на плехот. Така збунети, смрзнати па провриени, ги премачкуваш со жолчка од јајце и наросуваш со крупна морска сол
- Се печат 12-15 минути на 200 степени без вентилатор.
- Се мислиш зашто не подготви 8 перека, туку само 4.
- Одбираш еден ил’ два, ги сечеш на половина, мачкаш со крем сир и редиш мортадела.
- Ти си сега среќна личност!